Во касарната „Илинден“ во Скопје со присуство на највисокиот воен и државен врв се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија, во мисијата на НАТО во Косово – „КФОР“.
Армијата на Република Северна Македонија за првпат како 30-та земја членка на НАТО директно ќе учествува во мисијата КФОР во Косово каде во следните шест месеци контингентот од 44 припадници на Армијата, составен од штабни офицери и вод за обезбедување, ќе ги извршуваат задачите во главната команда на мисијата и во командата на КФОР – „Запад“.
На свеченоста присуствуваа: Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, високи претставници од МО и ГШ на Армијата, воени аташеи од НАТО земјите членки акредитирани во Република Северна Македонија и други гости од државните институции.
Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, обраќајќи се кон припадниците на контингентот истакна: „Вие сте дел од нашата прва ротација по добивањето на статусот полноправна членка во сверно атланската Алијанса што не прави сите нас особено горди. Иаку сме членки на Алијансата од март оваа година, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа Вам, затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија, затоа немам најмал сомнеж дека ќе ги задржите највисоките стандарди и достојно ќе ја претставувате својата татковина“.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во своето обраќање искажа увереност дека припадниците на Армијата во оваа мисија ќе ги покажат своите вештини и знаења пред колегите од сојузничките Армии во мисијата КФОР. Притоа истакна „Наша обврска е да дaдеме придонес за регионалната стабилност, да помогнеме Балканот да биде помирно, попросперитетно место за живеење. Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места, отсега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Вие ќе бидете први кои ќе го ставите главниот белег како ќе се оценува, доживува и ќе се гледа на нашата држава“.
Претседателот на Владата, Зоран Заев кој во своето обраќање истакна дека оваа мисија има особено значење за Републиката бидејќи за првпат учествуваме во мисија како полноправна членка на НАТО, Армија која е рамноправен член на најголемиот и најмоќен воен сојуз и во понатамошниот период ќе продолжи да се вклучува во мисиите на НАТО. Кон припадниците на првиот контингент во мисијата го истакна уверувањето дека тие ќе ја продолжат традицијата на успешност на нашите припадници во сите досегашни мисии во кои сме учествувале.
Пред упатувањето во оваа мисија припадниците на Армијата поминаа низ потребен процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбуваа и обучуваа за изведување на задачи кои во целост се компатибилни со задачите кои ги очекуваат за време на мисијата.
Подготвеност, интероперативност и способност за извршување на најтешки задачи, одредените припаници на првиот контингент во оваа мисија.тие ги покажаа во досегашниот веќе 18 годишен период на учествување во мировните мисии „ИСАФ“ и „Одлучна Поддршка“ во Авганистан, мисијата „Слобода за Ирак“, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и УНИФИЛ во Либан.
Армијата на Република Северна Македонија и во досегашниот период учествуваше во мисијата „КФОР“ посредно преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.
Во понатамошниот период веќе од втората ротација ќе се вклучиме со дополнителен персонал од еден вод додека во координација и заеднички настап со партнерската национална гарда на Вермонт кон средината на годината ќе биде упатен и контигент во јачина од една чета.
Воената свеченост се реализира во согласност со протоколите и преораките на Комисијата за заштита од заразни болести за бројот на учесниците, здравствено- безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.