Во касарната „Илинден“, со почитување на мерките и протоколите за справување со последиците од ширењето на вирусот COVID-19 , беше одбележан 29-ти Октомври, Денот на баталјонот на Воена Полиција(бВП).
На свеченоста присуствуваа: заменикот на командантот на Командата за операции, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на касарна, полковник Мухарем Мухареми и команданти на останатите единици во Армијата.
Во своето обраќање, бригадниот генерал Орце Јордев покрај честитките до припадниците на бВП, го истакна придонесот на единицата во афирмацијата на Армијата и несебичниот придонес при ангажирањето во вонредната состојба за поддршка на цивилните структури во справување со пандемијата од вирусот COVID-19, за што лично им оддаде посебно признание.
Пред присутните припадници и гости со свој говор се обрати и командантот на бВП, потполковник Кире Николовски кој истакна дека преку извршувањето на големиот број на задачи поврзани со мисијата на единицата и реализацијата на процесот на трансформација се потврдува создавањето на модерна единица што е препознаено од сите домашни и странски партнери.
Баталјонот беше носител на подготовката на првиот контингент на македонски војници, како полноправна членка на НАТО алијансата, кои ќе учествуваат во мисијата КФОР во Косово и рамо до рамо со припадниците на останатите земји членки на НАТО ќе допринесуваат за зајакнување на регионалната безбедност.
На свеченоста беа прочитани пристигнатите честитки од останатите Команди и единици на Армијата, како и наредбите за унапредување и доделување на стимулативни мерки.
ЃТ/ЈМ/БН