Во текот на вчерашниот и денешниот ден во Домот на Армијата, се реализираа билатерални разговори помеѓу претставници на Вооружените сили (ВС) на Република Грција и Армијата на Република Северна Македонија, со цел утврдување на модалитетите и областите за зајакнување на понатамошната билатерална воена соработка.
На отворањето на овие разговори, бригадниот генерал Симеон Трајковски пред делегацијата на ВС на Република Грција, предводена од бригадниот генерал Николаос Триантафилу, се заблагодари за досегашната поддршка и побара продлабочување на соработката во размена на искуства и знаења што ќе ни помогне да одговориме на сите идни предизвици во нашата интеграција, сега како полноправна членка на Алијансата.
Зајакнување на соработката од доменот на НАТО одбранбеното планирање, стандардизацијата, воено-стручното образование, обуката на специјалните сили, сајбер одбраната, воената медицина и логистиката, беа областите за кои дискутираа работните групи за време на оваа работна посета.
Во рамки на оваа посета бригадниот генерал Николаос Триантафилу оствари средба со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, на која изрази уверување дека досегашната соработка ќе продолжи и во иднина преку дополнителни форми и области.
За време на престојот бригадниот генерал Николаос Триантафилу беше примен и од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Со реализација на досегашната заедничка обука и размена на искуства на специјалните сили во текот на изминатата година, потврдена е добрата билатерална воена соработка.