Припадниците на првата пешадиска чета со еден минофрлачки вод 120 мм од составот на вториот пешадиски баталјон (2.пб) од 1.пешадиска бригада (1.пбр) во период од 22 до 30.03.2021 година, како дел од годишниот план за обука на единицата, на АП „Криволак“ реализираа стационарно логорување со тактичка вежба со бојно гаѓање (ТВБГ) со вод, артилериско бојно гаѓање со вод и реализираа ТВБГ со чета.
За време на логорувањето на АП „Криволак“ беше прикажана извежбаноста и подготвеноста на единицата за изведување на предвидените задачи на терен, демонстрирана со успешна реализација на планираните гаѓања.
За успешна реализација на овој вид на вежби со бојно гаѓање, потребен е висок степен на обученост, добра извежбаност, кондиција и координација, лесно совладување на теренот и брза проценка на далечината за уништување на целите, што практично го покажаа и припадниците на првата чета, особено за време на реализацијата на тактичката вежба со бојно гаѓање на пешадиска чета во напад засилена со вод минофрлачи 120 мм.
Реализацијата на тактичката вежба со бојното гаѓање на пешадиска чета во напад засилена со снајперски тим и вод минофрлачи 120 мм, беше проследена од страна на командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски во придружба на советникот на Армијата од Обединетото Кралство, бригаден генерал Џон Баурон и клучниот персонал од командата и штабот на 1.пбр.
ГЃ/ЧС/БН