Во рамки на вежбата „Одлучен удар 21“ на армискиот полигон „Криволак која започна на 17 мај и ќе трае до 2 јуни, денес се реализира Денот за високи гости.
Во хиерархијата на големите вежбовни активности на вежбата„ Defender Europe“ кој се спроведуваат на европскиот континент под покровителство на Армијата на САД за Европа и Африка, на која учествуваат армии на државите НАТО членки и партнерство за мир, вежбата Одлучен удар е нивен интегрален дел и воедно претставува најголема национална вежба организирана од Република Северна Македонија по нашето полноправно членство во НАТО. Да се биде дел од „Defender Europe“ која оваа година вклучува 27 армии, со 28 000 војници во 16 држави од Југоисточна Европа, земји домаќини меѓу кој и Република Северна Македонија претставува голема чест, одговорност и доверба, рече Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски во своето обраќање.
Бригадниот генерал Џед Шаертл, заменик-командант за мобилизација на Вооружените сили на САД за Европа и Африка, изрази задоволство од присуството во Криволак и од можноста од прва рака да се види, како што рече, импресивната можност за реално извежбување во овој полигон.
Генералот Шаертл порача дека токму оваа прва голема вежба по членството на Северна Македонија во НАТО, ја покажува посветеноста на нашата земја и на земјите – учеснички, на Алијансата и дека токму преку ваков тип на вежби ние учиме еден за друг, учиме за опремата и системите, за да можеме навистина да бидеме интероперабилни и меѓусебно да се поддржуваме.
Министерката за Одбрана, Радмила Шекеринска порача дека изминатите две недели, „пешадиските и специјалните единици на армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија покажаа дека дејствуваат како едно, дека тие се моќта на НАТО, дека македонскиот војник во акција може да го довери својот живот на американскиот, на бугарскиот и грчкиот, или пак да го брани животот на секој свој сојузнички колега, додека се одвива акцијата“. Министерката упати честитки до армискиот тим за беспрекорната организација и благодарност до САД за долгогодишната континуирана поддршка во зајакнување на способностите и интероперабилноста на нашата Армија.
Премиерот Заев истакна дека е горд на припадниците на Армијата, на нашите офицери и војници за покажаната желба за усовршување и унапредување.„Тие ги исполнуваат ги сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво, рамо до рамо со нашите сојузници не само дома, туку и со учеството во меѓународните мисии со кои се гарантира мирот во светот. Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот“, истакна премиерот. Додаде дека токму со членството во Алијансата, земјава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедноста.
Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски им честиташе на сите учесници при што нагласи дека имаа одлична можност да ја проверат интероперабилноста со неколку НАТО држави покажувајќи капацитет и способност за планирање и организирање на големи вежби заедно со другите сојузнички армии. Освен што е потврда во воена смисла на капацитетите за спроведување на интегрирани и интервидовски операции оваа вежба е многу значајна за зајакнување на трансатланското партнерство и преку тоа за безбедноста на Европа и Западниот Балкан.
– Со заедничкото планирање и организација на ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат стратешкото партнерство кое долги години опстојува меѓу нас. Освен тоа постои уште една регионална многу важна димензија во „Решителен удар“ каде освен припадници на Армијата на САД учествуваат и претставници на армиите на Република Бугарија и Грција со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста, истакна Претседателот исто така пред присутните.
На денот за високи гости присуствуваа: претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, г-дин Tалат Џафери, претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министрите во Владата Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, г-ѓа Оливера Ињац, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД, Кејт Мери Брнз, на Грција, г-дин Русос Кондурас и на Албанија г-дин Фатос Река, претставници од собраниската комисија за одбрана и безбедност, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос ,командантот на бугарските специјални сили генерал-мајор Јавор Матеев, командантот на Националната гарда на Вермонт, бригаден генерал Грегори Најт како и одбранбени аташеи акредитирани во земјава.
Вежбата „Одлучен удар 21“ е дел од најголемата НАТО вежба која годинава се одвива во Европа „Defender Europe21“. Во „Одлучен удар21“ учествуваат 1500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија. Основата на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и интеграција во НАТО постапките на декларираниот лесен пешадиски баталјон со сојузничките армии како и интеграција на конвенционалните и специјалните сили.
На Денот за високи гости се презентираа офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од Армиите на Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија, со поддршка од хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови Ф16 од вооружените сили на Грција.
Воедно, нашата држава како домаќин на вежбата, покажува дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби.