Највисокото државно и воено раководство и големиот број високи гости од странство имаа можност да ги проследат денешните вежбовни активности кои се дел од воената вежба „Брз одговор 22“, која се реализира на армискиот полигон „Криволак“ и е најголемата мултинационална вежба од ваков вид од осамостојувањето на нашата држава.
На Денот за високи гости во склоп на вежбата „Swift Response 22“ се презентираа комплексни воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови, прелети на борбени воздухоплови и изведување на хеликоптерски десантни активности.
Прикажаната интероперабилност, меѓусебната координација и заедничкото делување на армиите од земјите кои учествуваат на вежбата „Брз одговор 22“ беше пресликана на најдобар можен начин, додека во исто време се прикажаа можностите на хеликоптерите „Апачи“ , „Блек Хок“ и „Чинук“, борбените авиони „Ф-16“ и А-10, како и ангажираните копнени сили.
Република Северна Македонија како земја домаќин ги докажа своите организаторски способности, а особено можностите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување на ваков вид на операции. Тоа беше истакнато во обраќањата на заменикот на командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, генерал-мајор, Петер Ендрусјак и командантот на борбениот тим на 16. воздухопловна бригада на Обединетото Кралство, бригадир Николас Коули, кои го оценија полигонот на највисоко можно ниво.
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска исто така во своето обраќање го истакна единството, обединетоста и сојузништвото на сите земји членки на НАТО кои учествуваат во оваа вежба и кои прикажаа колективна подготвеност и совршена интероперабилност.
На денот за високи гости покрај претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и генерал-мајор Петер Ендрусјак, присуствуваа и пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Грција, Албанија и Црна Гора, заменик на командантот на армијата на САД за Европа и Африка, генералите во Армијата на Република Северна Македонија, високи воени и цивилни претставници на Вооружените сили и Министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеи акредитирани во земјава и други гости.
Вежбата „Swift Response 22“ е единствена од осамостојувањето на државата во која ќе се реализираат воздушни десанти во овој обем. Во вежбовните активности кои се изведуваат во Република Северна Македонија учествуваат армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија и Република Северна Македонија.
Вежбата која започна на 2 мај и ќе трае до 20 мај, продолжува со голем број комбинирани вежбовни активности во воздух и на копно, кои се спроведуваат паралелно со вежбовните активности на Арктичкиот и Балтичкиот регион.
Вежбата има особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста и оспособеноста за заедничко дејствување со сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид на операции, како и демонстрирање на капацитетите на АП „Криволак“ за изведување и на ваков вид на воени вежби.