Командата за операции (КО), со воена свеченост во касарната ,,Боро Менков“ во Куманово, на достоинствен начин го одбележа Денот на единицата.
Пред присутните свое обраќање имаа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини.
Генералот Ѓурчиновски честитајќи им го денот на единицата на припадниците на Командата за операции, во своето обраќање пред присутните изрази очекување дека во периодот што претстои ќе продолжат исто така како и досега да ги извршуваат максимално професионално и квалитетно нивните секојдневни задачи, при што изрази уверување дека сите цели во периодот кој претстои во целост ќе бидат остварени.
Командантот на Командата на операции во своето обраќање се осврна на активностите, но и големиот број успешно реализирани задачи во текот на изминатиот период, кои резултати се очигледни и преку постојаниот ангажман во помош на граѓаните и институциите секогаш кога е потребно.
„Нашиот концепт, структура и процесите во армијата се оптимизираат со цел да се постигне максимална ефикасност во процесот на трансформација и интегрирање на силите во структурните и оперативните планови на НАТО“, истакна во својот говор генералот Емини.
Во рамки на свеченоста се доделија стимулативни мерки на припадници на КО за остварените резултати во работењето, се прогласи најдобра единица од составот на Командата за операции, додека на припадниците од командата кои во текот на годината се пензионираа им се доделија соодветни признанија за нивниот вложен труд во досегашниот развој на Армијата.
На прославата присуствуваа и заменикот на министерот за одбрана Башким Хасани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, претставници од кабинетот на претседателот, генерали во Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот и од бригадата за Југоисточна Европа, воено-дипломатски претставници и претставници од локалните самоуправи и институции со кои соработува оваа команда.
Командата за операции е носител на традициите на одбележувањето на денот кога е формиран штабот на Кресненското востание, кој е воедно и ден кога е кренато востанието, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите во Армијата.
Како највисока команда на оперативно рамниште во Армијата, КО е најодговорна за подготовка на командите и единиците од својот состав за извршување на уставните задачи на Армијата, како и учество во мировните операции и придонесување и асистенција на институциите во државата во кризни состојби.