Денес, 29 септември, бригадата за логистичка поддршка (брЛП) беше домаќин на асоцијацијата на одбранбени аташеи акредитирани во Република Македонија.
На одржаниот брифинг од страна на клучниот персонал во брЛП пред одбранбените аташеи се презентира структурата, мисијата, основните задачи, како и персоналната и материјалната пополнетост на брЛП и воено медицинскиот центар (ВМЦ).
Во рамките на активноста одбранбените аташеи го посетија и Центарот за медицинска обука во состав на ВМЦ, кој во тек на своето постоење се разви во национален и регионален центар за спроведување на медицинска обука на медицински и немедицински персонал и тренинг на медицински тимови пред упатување во мисија.
Обуката која се спроведува во ВМЦ во согласност со НАТО стандардите покрај припадници на АРМ ја посетуваат и припадници на армиите од регионот и партнерските земји, како и припадници на специјални полициски сили на РМ и цивилни институции.
За време на посетата беа изнесени искуствата, придобивките и научените лекции од заедничкото учество во мировните операции и меѓународни вежби, но и можностите за соработка од доменот на логистиката.
Посетата е редовна активност која се реализира врз основа на Програмата за соработка на Министерството за одбрана на Република Македонија со асоцијацијата на воени аташеи во Република Македонија.