Началникот на Генералштабот (ГШ) на Армијата на Република Словенија, генерал-потполковник Роберт Главаш, кој се наоѓа во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија денес престојуваше во Генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести, генералот Главаш оствари средба со својот домаќин, началникот на ГШ на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
На денешната средба генералите Ѓурчиновски и Главаш разговараа за меѓусебната воена соработка и можностите за унапредување на истата.
Притоа, началниците на генералштабови ги опфатија активностите во однос на нашето заедничко учество во операцијата на зајакнато истурено присуство, учеството во безбедносните иницијативи, како и подготовките пред упатување во оваа операција, заедничките вежбовни активности и можноста за користење на капацитетите со кои располагаат армиите на двете земји.
Потврда за искрената и пријателска соработка од страна на генералите беше посочен и ангажманот кој припадниците на Армијата го имаа во санирањето на последиците од поплавите кои ја погодија Република Словенија, за што беше изразена благодарност од генералот Главаш.
Соработката помеѓу двете НАТО Армии е континуирано на високо ниво пред се во областа на изведување на заеднички вежбовни активности, но и во подршка во обуката, како и заедничко учество во безбедносни иницијативи и одбранбени проекти од регионално значење меѓу кои е и проектот балкански медицински наменски сили.
По официјалната посета на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генералот Главаш ќе учествува на 26 Конференција на началниците на Генералштабови на Вооружените сили на земјите потписнички на САД -Јадранската повелба во улога на набљудувач.