На свечена церемонија во Командата за обука и доктрини, во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беа промовирани во прв подофицерски чин 30 припадници на Армијата, меѓу кои и 3 припаднички од понежниот пол.
Пред новопроизведените подофицери се обрати началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во своето обраќање истакна дека новопроизведнените подофицери треба да бидат горди што се дел од редот на подофицери, кои понатаму мотивирано и со личен пример ќе придонесуваат за професионално вршење на должностите кои ќе им бидат доделени. Новопроизведените подофицери во следниот период ќе бидат распоредени во единиците на Армијата, согласно специјалноста, како командири на одделенија каде ќе го пренесуваат досегашното искуство, како и стекнатите знаења во процесот на изведување на обуката.
Командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански истакна дека денеска Армијата ги зајакна своите капацитети со лидери кои ќе мотивираат, инспирираат и водат, а исто така ќе се развиваат како добри лидери преку секојдневните задачи, обуката на единиците, градењето на капацитети и армиските вредности и ќе придонесуваат Армијата да биде почитувана од сојузниците во Алијансата. Притоа беше истакнато дека пополнувањето на подофицерскиот кор ќе продолжи, затоа што подофицерите се оние кои го покажуваат правецот за секој војник, оние кои организираат, инспирираат, мотивираат. „Вие сте ’рбетот на Армијата, а за секоја држава клучно е тој ’рбет да биде исправен и цврст“, истакна командантот.
Прворангираниот подофицер, водник Лазе Богоески, на своите колеги – новопромовирани подофицери им порача: „Научивме да станеме кога е најтешко, научивме да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе само за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија, држење еден до друг, тактичност. Цел за да станеме лидери“.
На промоцијата, на инструкторите кои се залагаа за успешна реализација на курсот и кои покажаа особено залагање и високи резултати за време на обуката, од страна на генералот Ѓурчиновски и командантот на КОД, полковник Васко Коколански им беа доделени соодветни признанија.