Во пресрет на Денот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, по втор пат се реализираа пешадиски воени игри во бригадата.
На отворањето на игрите присуствуваа командантот на 1.пешадиска бригада (1.пбр), бригаден генерал Сашко Лафчиски, персонал од командата и штабот на 1.пбр, командантите на баталјони од составот на 1.пбр, главните подофицери и првите подофицери во единиците.
Командантот на 1.пбр на отворањето на игрите, на учесниците и екипите, им порача дека со овој вид на натпревари покрај натпреварувачките способности се гради и тимскиот дух на единицата. Притоа истакна дека мотото на првата пешадиска бригада „Чест и сила“ треба да им биде императив, при натпреварувањето да бидат чесни и посветени, истрајни и силни, доследни на мотото на единицата и им посака успешен настап на сите натпреварувачи. Меѓу другото, командантот истакна дека имајќи ја предвид улогата на 1.пбр, дефинирана како ударна тупаница на Армијата, секогаш подготвена за одбрана на татковината и единица со примарна одговорност кога станува збор за исполнување на НАТО целите на способности, логично е пешадиските воени игри да бидат дел од годишните активности на единицата.
Во текот на четиридневните натпревари 11 екипи се натпреваруваа во дисциплините: воен полигон, полигон за издржливост, полигон со вооружување, употреба на вежбовна рачна бомба (вРОБ) во разни ситуации, тактички марш со гаѓање под оптоварување, штафетно трчање и крос-фит полигон за тимска работа.
Денес 22 март, во присуство на началникот на штаб во командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1.пешадиска бригада, со прогласување на најдобрите екипи и поединци, ги затвори пешадиските воени игри за 2024 година. Во завршниот говор командантот на бригадата нагласи „Нека овие игри бидат мотив за подобрување на натпреварувачкиот дух и усовршување на професионалните способности на припадниците на бригадата“.
За најдобра екипа беше прогласена првата екипа од Вториот пешадиски баталјон, второпласирана е првата екипа од Првиот пешадиски баталјон и третопласирана е втората екипа од Вториот пешадиски баталјон. За најдобра натпреварувачка беше прогласена десетар Андријана Талеска од Артилерискиот баталјон, а за најдобар натпреварувач беше прогласен разводник Бојан Игнатовски од Вториот пешадиски баталјон.
Началникот на штаб во командата за операции, командантот на 1.пешадиска бригада и главните подофицери на КО и 1.пбр на најдобрите им врачија дипломи и медали за постигнатиот успех.
ГЃ/СЛ