Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски во касарната „Боро Менков“ во Куманово присуствуваше на свечената церемонија по повод 25- годишнината од формирањето на Бригадата за Југоисточна Европа – SEEBRIG.
Командата на Бригадата за Југоисточна Европа, која на ротационен принцип ја менува својата локација, во периодот од 2020 до 2026 година е стационирана во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Армијата учествува со свои единици и штабни старешини и го поддржува функционирањето на оваа бригада во сите сегменти.
На свечената церемонија обраќање имаа: министерот за одбрана, Владо Мисајловски, претседавачот со Политичко-воениот управувачки комитет и Координативен комитет со СЕДМ, Симона Којацару, како и командантот на Бригадата на ЈИЕ-SEEBRIG, бригадниот генерал Билбил Битри.
Министерот за одбрана, Мисајловски во своето обраќање истакна: „Како држава членка на оваа иницијатива пред 4 години остваривме една од нашите стратешки цели, полноправно членството во Алијансата, нашето учество во оваа иницијатива значително влијаеше кон исполнувањето на нашата цел… Остануваме фокусирани и кон исполнување на втората стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија, со што уште повеќе ќе придонесеме за стабилност и развој на регионот.“
Претседавачот со СЕДМ, Којацару кажа дека: „Денес, прославувајќи ја својата 25-годишнина, напредокот на бригадата на Југоисточна Европа, оперативниот столб на СЕДМ, е конкретен доказ за посветеноста на земјите членки на СЕДМ.“
Генералот Битри пак, пред присутните истакна дека: „Од своето основање, SEEBRIG стана симбол на единство, обединувајќи професионални војски од земји со различно потекло, култури и истории, но сите обединети со заеднички споделени вредности и заедничка цел: промовирање на воената соработка, гарантирање на сигурноста и безбедноста на нашите народи и придонесување кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко.“
Церемонијата ја проследија и замениците на министрите за одбрана, замениците на Генералштабовите амбасадорите и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата.
Бригадата на Југоисточна Европа (South-Eastern Europe Brigade) е формирана во 1999 година, врз основа на Договорот за регионална соработка на полето на одбраната, познат како Договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа, кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.
Според договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на SEEBRIG е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Единиците кои се назначени во Бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет.