Традиционално и оваа година во организација на Генералштабот на Армијата, во спортскиот центар „Хиподром“ се одржа „16. Армиско првенство во крос-кантри трчање“.
На патеката во спортскиот центар „Хиподром“, во должина од 8000 метри во машка и 4800 метри во женска конкуренција, покрај припадниците од Армијата, зедоа учество и припадници од повеќе атлетски клубови.
Победник на годинашниот Крос-кантри во машка конкуренција на патеката во должина од 8 000 метри е професионалниот војник Милош Ранчич, додека во женска конкуренција на 4 800 метри, првото место го освои капетан Дијана Лапевска.
Екипно најдобри во женска конкуренција беа припадничките од Центарот за снабдување и транспорт, втори се пласираа припадничките од Баталјонот на специјални намени и трети од 2. пешадиски баталјон. Екипно во машка конкуренција, припадниците на Баталјонот на специјални сили го освоија првото место, второто 2. пешадиски баталјон, додека третото место го освои екипата на Баталјонот за почести.
По завршување на натпреварите, на најуспешните поединци и екипи им беа врачени медали и пехари.