Денес, 13 мај во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) започна Напреден курс за подофицери (НКПОФ) со вкупно 26 слушатели од единиците на Армијата на Република Македонија.
Планот и програмата на курсот се во согласност со Концептот за професионален развој на подофицерите во АРМ.
Целта на Напредниот курс за подофицери е да произведе квалификувани командири на 1-ви оддделенија и командири на 3-ти водови или подофицери способни да ги преземат сите одговорности поврзани со оваа должност.
Во текот на обуката слушателите ќе се обучуваат и оспособуваат за изведување на борбени задачи со одделение – вод, почитувајќи ги стандардните процедури што се од суштинско значење за успешно извршување на секоја мисија, ќе се запознаат со системот за управување со процесот на обуката – менаџментот, ќе ги подобрат вештините на комуникација и презентирање. Исто така, низ наставата ќе стекнат општи знаења од областа на меѓународното хуманитарно право, структурата на НАТО и мировните операции.
Со завршувањето на овој курс подофицерите се здобиваат со знаења и искуства неопходни за поставување на новите должности кои им претстојат во понатамошната работа.