Со воена свеченост во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се изврши примoпредавање на должноста командант на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ).
Должноста командант на вВИНГ ја презеде полковникот Драган Павловски, од досегашниот командант на единицата, полковникот Игорчо Стоименовски. Примопредавањето се одржа пред построените припадници на единицата и присутни гости. На свеченоста пред прсутните се обратија командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот командант, полковникот Игорчо Стоименовски, како и новопоставениот командант, полковникот Драган Павловски.
Бригадниот генерал Ѓоргоски истакна дека свеченоста по повод примопредавањето на должноста останува врежана во паметењето и во историјата на воздухопловниот ВИНГ и на Армијата. Потенцираше дека да се биде на чело на оваа единица е огромна чест, но уште поголема обврска, бидејќи нејзините припадници се вистинска гаранција за суверенитетот на нашето небо. Бригадниот генерал Ѓоргоски му оддаде признание на полковникот Стоименовски за покажаното лидерство и значајниот придонес во развојот на воздухопловниот ВИНГ, посакувајќи му многу успех на новата должност. На полковникот Павловски, како докажан професионалец, му посака да продолжи по патот на успехот на единицата и натамошно јакнење на нејзината борбена готовност. Го охрабри да биде пример со лично залагање и беспрекорно извршување на задачите, нагласувајќи дека ја има целосната поддршка на претпоставената команда.
Во своето обраќање, полковник Стоименовски истакна дека благодарение на сите посветени професионалци кои ја препознале визијата за развој на единицата, гордо може да застане пред стројот и да потенцира дека единицата успешно се подготвува во рамките на актуелните процеси на модернизација. Тој ја искористи оваа прилика лично да им се заблагодари на сите претпоставени за нивната несебична поддршка, како и на сите потчинети за нивната посветеност. На полковник Павловски му ја честиташе новата должност и му посака многу успех во работата.
Полковник Павловски се заблагодари на сите кои со своето присуство ја збогатија денешната свеченост. Тој истакна дека должноста командант на вВИНГ претставува огромна чест, но истовремено и понатамошен предизвик. Потврди дека ќе се залага за подобрување на условите за живот и работа во единицата, изразувајќи уверување дека ќе има плодна соработка со сите, и дека со максимално ангажирање ќе се постигнат зададените цели. Воедно, му се заблагодари на полковник Стоименовски за досегашната соработка, како и на претпоставените за укажаната доверба и поддршка.
На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, команданот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, началници организациони единици во КО, поранешни команданти на вВИНГ, команданти од други единици при Командата за операции, како и останати гости.