Согласно Годишниот План календар за обука на АРМ за 2015 година, на АП „Криволак“, отпочнато е со реализацијата на општа воена обука со питомците од I и II наставна група од Центарот за обука на питомци.
Практичната настава со питомците има за цел оспособување и усовршување во тактичките работи и постапки на ниво поединец/тим и одделение/вод, изведување на офанзивни и дефанзивни дејства, извежбување во движење на терен по непознато земјиште со употреба на рачна бусола како и со современи средства за навигација и извежбување во правилно ракување со личното вооружување при извршување на подготвителни, единечни и командирски гаѓања.
Со оваа обука питомците ќе се стекнат со самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови кои се неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата на Република Македонија, особено при извршување на борбени задачи во сложени временски и теренски услови.