Денес, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, во присуство на министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, се реализираше постројување на наменските сили со јачина на зајакната чета, кои ќе учествуваат на вежбата „Saber Junction 2025 (SJ-25)“.
На вежбата како примарен елемент ќе се ангажира дел од Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) со потребни елементи за реална логистичка поддршка како и потребен број на моторни возила и материјално технички средства.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на настанот, на војниците им порача да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја преставуваат државата пред сојузниците.
“Ви посакувам многу здравје, покажете дека се носиме со сите земји и дека можеме да покажеме квалитет”, рече министерот. Додаде дека за секој предизвик Министерството и Армијата се подготвени да ја дадат сета потребна поддршка.
Началникот на Генералштабот на Армијата, обраќајќи им се на припадниците на наменските сили истакна: „Ова е прв пат од постоењето на Армијата, формација од ваков состав, зајакната чета со сите елементи на маневар, со сите елементи на борбена поддршка и она што ми беше најважно, со елемент на самоодржливост, да изврши распоредување на вежба и тоа не било каде, туку во СР Германија. Треба да бидете горди со тоа што го направивте и што ќе го направите. Вие испишавте историја.“
Вежбата SJ 25 ќе се реализира во период од 23 август до 18 септември 2025 година во Хохенфелс, СР Германија под организација на USAREUR-AF. Целта на вежбата е развој на професионални и оспособени борбени единици за одржување на стабилна и безбедна средина, како и соодветен одговор на заканите по националната безбедност.