Денес со воена свеченост се одбележа 13 ноември, Денот на Инженерискиот баталјон (инжб), од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр).
По повод денот на единицата се обратија командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски и командантот на инжб, потполковник Ласте Ѓорѓиев.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, во својот говор најпрво ги поздрави присутните гости, а потоа зборуваше за улогата на единицата од самото нејзино формирање, па сè до денес. Исто така го истакна учеството на вежбите „Comined Resolve“ и „Saber Junction“ во Германија и „Immediate Response“ на АП Криволак. На крајот на своето обраќање, командантот на 1.пбр, порача: Почитувани припадници на инжб чувајте ја и сакајте ја единствената инженериска единица во Армијата, како институција која има најголема доверба кај граѓаните и нека ве води Вашето мото ,,Секогаш напред“.
Командантот на инжб, потполковник Ласте Ѓорѓиев истакна дека прославувајќи го денот на инженериската единица, чувството на почит и гордост кога им се обраќа на присутните пред стројот е големо, бидејќи големи се и делата од досега постигнатото и сработеното. Притоа потполковник Ѓорѓиев истакна „Денес, кога се одбележуваат 81 години од формирањето на инженериската бригада на Генералштабот на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, денот ги оживува настаните од нашето историско минато, чиј носител на традициите е токму инжб. Извршувањето на мисијата беше и останува исто – да ја браниме и градиме државата и да ја сочуваме нејзината независност и слобода со сите сили и средства, инжб ќе продолжи да создава, да гради и да ја штити татковината со ум, срце и посветеност.“.
На свеченоста присуствуваа командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од командата и штабот на 1.пбр, пензионирани генерали на Армијата, команданти на единиците и поранешни команданти и припадници на Инженерискиот баталјон.
По повод Денот на единицата, беа прочитани наредби за унапредување и стимулативни мерки за постигнатите резултати во работата и подигнувањето на борбената готовност. За најдобар вод беше прогласен водот за расчистување на патен правец од прва чета за борбено инженериска поддршка, под водство на потпоручник Марко Младенов.
На поранешните припадници од инжб, им беа доделени плакети со логото на единицата, беше реализиран и тактичко-технички збор на опремата и средствата со кои располага единицата, а во рамките на одбележувањето на Денот на инжб, припадниците на баталјонот, во соработка со Црвениот крст, реализираа крводарителска акција.
ГЃ/ДЧ








