Денес, 26 ноември, во спортскиот центар „Хиподром“, во организација на Советот на воени спортови, се одржа „17. Армиско првенство во крос-кантри трчање“.
На отворањето на овој спортски настан државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова на натпреварувачите им порача дека ова натпреварување е симбол на дисциплина, издржливост и тимски дух во Армијата. „Преку овие спортски активности ја јакнеме физичката подготвеност во македонската Армија“, истакна таа.
Овој традиционален спортски настан е од отворен карактер, на кој покрај припадници на Армијата, учество земаат и врвни атлетичари од атлетските клубови.
Победник на годинашниот Крос-кантри во женска конкуренција на патеката во должина од 4800 метри, првото место го освои наредник Марија Пеликон, второ место и припадна на капетан Дијана Лапевска и трето место го освои капетан Христина Гиздовска, Во машка конкуренција на на 8000 метри првото место го освои професионалниот војник Милош Ранчич, второто место му припадна капетан Жан Тосев, и трето место го освои професионален војник Трајче Илиевски.
Екипно најдобри во женска конкуренција беа припадничките од Логистичка база, втори се пласираа припадничките од Баталјонот на специјални сили и трети од 1. пешадиска бригада. Екипно во машка конкуренција, припадниците на Баталјонот за почести го освоија првото место, второто место ѝ припадна на екипата од Командата за обука и доктрини, додека третото место го освои екипата на Баталјонот на специјални сили.
Атлетиката е еден од најзначајните спортови во нашата Армија, а доказ за тоа се резултатите кои припадниците на Армијата ги постигнуваат во рамките на националните и меѓународните атлетски натпревари.
Армиското првенство во крос-кантри трчање е традиционален спортски настан. Првенството, кое поради одличните услови за реализација веќе петта година по ред се одржува во СРЦ „Хиподром“, се организира и реализира од 2008 година на повеќе локации низ државата.








