Делегација од Армијата на Република Северна Македонија, предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, присуствуваше на свеченостите по повод Националниот ден на Романија. Во текот на посетата во Романија делегацијата од Армијата оствари средба и со припадниците од македонскиот контингент распоредени во НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на активностите организирани по повод овој празник, припадниците на македонскиот контингент распоредени во НАТО активноста „ FLF“, свое учество зедоа на централната прослава, односно традиционалната воена парада која се одржа во Букурешт, како и на дефилето кое се реализираше во Каракал, со што испратија јасна порака за кохезијата на Алијансата.
Ангажманот во рамките на активноста „ FLF“, во која нашата Армија учествува од 2022 година, претставува важен дел од заложбите на нашата држава за поддршка на регионалната и евроатлантската безбедносна архитектура. Македонските припадници, заедно со силите на сојузниците, даваат значаен придонес во унапредувањето на колективната безбедност, одвраќањето и одбраната на Алијансата.









