Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска, оствари средба со градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев, на која беа разгледани прашања од заемен интерес поврзани со соработката меѓу Армијата и локалната самоуправа.
Во рамките на средбата генералот Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев.
Плакетата, доделана по повод Денот на Армијата, претставува признание за несебичното залагање и огромниот придонес кој Јанчев континуирано го дава кон Армијата, не само како градоначалник на општина Кавадарци, туку и како општествено одговорна личност.
Во оваа прилика беше нагласена и заложбата на градоначалникот Јанчев во поддршка на активностите за вежбата „Брз одговор 25“ (Immediate response 25), која се реализираше во период мај/јуни 2025 година на АП „Криволак“, а во нејзините рамки се одржа и Отворен ден на Армијата во Кавадарци.
Овој настан, на кој беше изложена опрема и вооружување на Армијата, како и на единиците на земјите учеснички на вежбата, вклучувајќи ги оклопните возила „JLTV“, инженериското возило „Husky“, роботот за откривање и деминирање на мини, АБХО опрема, пешадиско вооружување и друго, беше посетен од бројни гости и граѓани, кои имаа можност да остварат непосредна средба со припадниците на Армијата.








