По повод навршувањето на осумнаесет години од хеликоптерската несреќа во која трагично загинаа единаесет припадници на Армијата кои се враќаа од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина, на спомен-обележјето кај Катлановско Блаце на загинатите припадници од Армијата почит им одадоа делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, општината Петровец, членовите на семејствата на загинатите припадници и граѓанското здружение „Сила“.
Почит на загинатите со едноминутно молчење и венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беа положени и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.








