Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес оствари средба со новопоставеното одбранбено аташе на Република Хрватска во Република Северна Македонија, полковник Рајко Периќ. На средбата, соговорниците ја поздравија досегашната билатерална соработка меѓу двете земји, која опфаќа активности од областа на обуките и курсевите, школувањето на високите воени школи, како и можностите за соработка во доменот на воената индустрија. Дополнително, беше разговарано и за соработката во рамки на членството во заедничките регионални иницијативи, при што беше истакнато дека ваквата соработка придонесува за зголемена интероперабилност, размена на искуства и експертиза, како и за понатамошно зајакнување на регионалната стабилност и колективната безбедност. На денешната средба, соговорниците оценија дека билатералната соработка во изминатите години е на високо ниво, со тенденција на нејзино понатамошно продлабочување и унапредување во повеќе сегменти од заеднички интерес, со што дополнително ќе се зацврстат партнерските односи меѓу двете пријателски земји.








