Денес, 8-ми април (вторник), Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески му додели Златна значка на Армијата за партнерство, координација и соработка на Главниот подофицер на Националната гарда (НГ) на Вермонт, главен наредник Форест Глаџет.
Одликувањето на Главниот подофицер на НГ на Вермонт, беше доделено во присуство на одбранбеното аташе на САД во Република Македонија, полковник Џефри Предмор, гости од НГ на Вермонт, Главниот подофицер на АРМ, главниот наредник Драган Стојановски и дел од клучниот персонал на ГШ на АРМ.
При врачувањето на одликувањето, генералот Котески го истакна успешното извршување на задачите при заедничкото распоредување на припадниците на АРМ со НГ на Вермонт во намеските сили „ФЕНИКС“ во Авганистан, но и одличната соработка со овааа сојузна држава на САД, која е партнер во соработката со АРМ. Честитајќи му за остварениот придонес на наредникот Глаџет, НГШ на АРМ нагласи дека со различните форми на едукација и обука со НГ на Вермонт досега се опфатени околу 3000 припадници на АРМ, што резулатираше за релативно краток временски период, припадниците на АРМ да ги достигнат стандардите на НАТО особено во обуката.
Златната значка на Армијата за партнерство, координација и соработка е високо одликување на АРМ, кое на наредникот Глаџет му се доделува заради неговите заслуги во реализацијата на голем број курсеви и различни обуки за подофицерите на АРМ, како во Република Македонија, така и во сојузната држава Вермонт. За него, ова беше и признание од АРМ, за особениот придонес во подготовките и учеството во наменските сили „ФЕНИКС“ во мисијата ИСАФ во Авганистан, кога припадниците на АРМ беа распоредени заедно со припадници на НГ на Вермонт. Главниот подофицер на НГ на Вермонт, низ билатералната соработка со Армијата на САД, даде голем придонес и во изработката на програма за развој подофицерскиот кор на АРМ, со чија примена АРМ стана лидер во регионот во оваа област.
Денес, наредникот Глаџет ќе одржи предавање пред питомците од четврта година на Воената академија „Михаило Апостолски“, а за време на престојот во Република Македонија, ќе посети и други единици на АРМ.
НГ на Вермонт претставува партнер на АРМ од 1994 година, со кој се реализираат активности за соработка со Армијата на САД, координирани преку воената контакт програма, која е составен дел на севкупната билатерална соработка помеѓу двете армии.