На покана на Македонската спортска стрелачка федерација, екипи од единиците на Армијата учествуваа на 20. Интернационален отворен турнир во стрелаштво „Гран-при Скопје 2026“, кој се одржа на 16 и 17 мај на стрелиштето „Камник“ во Скопје.
На отворањето на 20. натпревар се обрати претседателот на Македонската спортска стрелачка федерација Јордан Тасевски, кој на учесниците им посака успех и постигнување на високи резултати за време на турнирот.
Припадниците од Армијата се натпреваруваа во дисциплините: гаѓање со пиштол на 25 метри, гаѓање со пушка на 100 метри, малокалибарска пушка на 100 метри и гаѓање со снајперска тактичка полуавтоматска пушка на 200 метри.
Во женска конкуренција екипно, во дисциплината 25 метри со пиштол, второто место го освои екипата од Генералштабот на Армијата, додека во машка конкуренција екипно, во дисциплината малокалибарска пушка на 100 метри, второто место го освои екипата од Баталјонот на специјални сили.
Во женска конкуренција поединечно, во дисциплината 25 метри со пиштол, наредник Ирена Лекоска од Баталјонот на специјални сили го освои третото место, додека во дисциплината малокалибарска пушка на 100 метри поединечно, третото место го освои потпоручник Сара Димоска од Баталјонот на Воена полиција.
Во машка конкуренција поединечно, во дисциплината малокалибарска пушка на 100 метри, наредник Димитар Стојановски од Извидувачко-разузнавачкиот баталјон го освои второто место, додека во дисциплината гаѓање со пушка на 100 метри, третото место го освои десетар Васиљко Антиќ од Баталјонот на специјални сили.
Интернационалниот отворен турнир во стрелаштво е еден од најголемите и најатрактивните турнири во спортско стрелаштво, на кој традиционално учествуваат припадници од Армијата, кои имаат можност да ја демонстрираат својата подготвеност во дисциплините во кои се натпреваруваат и на кои остваруваат забележителни резултати.









