Делегација на Армијата, предводена од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, денес присуствуваше на централното одбележување на големиот историски јубилеј – 150 години од Разловечкото востание, кое се одржа во село Разловци, Делчевско.
Во рамки на државните почести, организирани под мотото „Искра за вечна слобода“, армиската делегација положи свежо цвеќе пред спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци, оддавајќи почит кон првиот организиран вооружен крик на македонскиот народ за слобода и независност.
Во пресрет на централната свеченост, во рамки на програмата за одбележување на јубилејот, припадниците на Воениот оркестар од составот на Баталјонот за почести одржаа концерт, додека гардистите изведоа егзерцир.
Припадниците на Армијата дадоа активна логистичка поддршка и учествуваа на традиционалниот марш „По врвиците на востаниците“, со што уште еднаш ја потврдија цврстата поврзаност меѓу Армијата, граѓаните и зачувувањето на традициите.








