Со воена церемонија во Регионалната Команда – Запад (РК-З) во Пеќ, се изврши примопредавање на должноста помеѓу единаесеттата и дванаесеттата ротација на контингентите на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на НАТО – „КФОР“.
Во своето обраќање највисокиот воен претставник од единаесеттата ротација, потполковник Кристијан Серафимов им се заблагодари на сите учесници во единаесеттиот контингент за успешно и професионално извршените задачи во текот на мисијата, додека на новиот контингент, предводен од полковник Зоран Илов како најстар национален претставник и капетан Бојан Богојевски како командир на вод, им посака успешно и безбедно извршување на доделените задачи во текот на мисијата.
Покрај примопредавањето на должноста помеѓу двата контингенти на свечен начин се доделија НАТО медали за успешно извршената мисија на припадниците од единаесеттиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија.
На активноста присуствуваа сите воени авторитети од РК-Запад на чело со заменик командантот, потполковник Аљбан Мучи.








