Во НАТО базата Адажи во Република Латвија, на 9 јуни 2026 година, со заедничка воена свеченост на контингентите од Армијата на Република Северна Македонија, Армијата на Република Словенија и Војската на Република Црна Гора, беше извршено примопредавање на должноста најстар национален претставник (ННП) и командир на одделение во рамки на мисијата на НАТО „Истурени копнени сили – Латвија“ (Forward Land Forces Latvia).
Должноста од наредникот Љупчо Милановски, командир на противоклопното одделение, ја презеде постар водник од прва класа Бошко Димитријевски, командир на инженериското одделение, кој со новата ротација започнува со извршување на задачите во состав на мултинационалните сили во Латвија.
На свеченоста присуствуваа амбасадорот на Република Словенија во Република Латвија, Томаж Матијашец, командантот на Наменските сили Латвија (Task Force Latvia), полковник Џо Мејли, заменик-командантот на Мултинационалната бригада Латвија (Multinational Brigade Latvia), потполковник Хесус Абад Санчез, како и национални претставници на земјите учеснички во мисијата.
Во своето обраќање, наредникот Милановски се осврна на значењето на стекнатите искуства и научените лекции за време на мисијата, истакнувајќи дека претставува особена чест и одговорност да се претставуваат Армијата и Република Северна Македонија во мултинационална средина составена од припадници на 14 земји-членки на НАТО. Тој на припадниците од деветтата ротација им посака успешна реализација на задачите, професионален пристап и продолжување на придонесот во зачувувањето на мирот и стабилноста на источниот дел од Алијансата.
Пред присутните се обратија и полковникот Џо Мејли и потполковникот Хесус Абад Санчез, кои упатија благодарност до припадниците на Армијата на Република Северна Македонија за нивната посветеност, професионалност и високите резултати постигнати при извршувањето на задачите во мисијата.
Како признание за успешно извршување на должноста најстар национален претставник и командир на противоклопното одделение, на наредникот Љупчо Милановски му беа врачени Медал за меѓународна соработка од министерот за одбрана на Република Словенија и Медал за придонес од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Латвија.








