По повод одбележувањето на Денот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, институција која повеќе од три децении претставува столб на македонскиот воено-образовен систем, денеска во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје свежо цвеќе пред споменикот на патронот на Академијата положи делегација во состав: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски и деканот на Воената академија полковник Ненад Танески.
Во рамки на свеченото одбележување и во чест на патронот на Академијата, беше отворена и спомен-собата на генералот Михаило Апостолски, посветена на неговиот живот, дело и значајниот придонес во развојот на македонската воена историја и воена мисла.
Во знак на признание за особени заслуги во развојот и афирмацијата на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, во рамки на свеченоста беа доделени плакети и признанија.
Одбележувањето на Денот на Академијата претставува потврда на нејзината значајна улога во едукацијата и создавањето на професионален старешински кадар, подготвен да одговори на современите безбедносни предизвици и потребите на Армијата.








