На 6 јули 2026 година, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски остварија протоколарни средби со одбранбеното аташе на Обединетото Кралство, потполковник Дениз МекМехон.
Средбите се реализираа во просториите на Командата за операции во касарната „Боро Менков“ во Куманово и во командата на Првата пешадиска бригада во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Во текот на средбите беше истакната благодарноста за континуираната поддршка што Обединетото Кралство ја обезбедува во унапредувањето на билатералната одбранбена соработка. Притоа беше нагласено дека долгогодишното партнерство успешно се реализира преку заеднички вежби, обуки, стручна размена на искуства и други активности од заемен интерес.
Во рамките на посетите беа реализирани брифинзи, при што одбранбеното аташе беше запознаено со историјатот и организацијата на единиците, тековните и планираните активности за обука, подготовките за претстојните вежби, процесот на модернизација, како и со достигнатите НАТО цели на способности.
Исто така беше потенцирано значењето на британската поддршка во развојот на капацитетите на Армијата и во доменот на стручното усовршување на армиските кадри на високи воени образовни институции во Обединетото Кралство, што претставува потврда за континуираната соработка и партнерство меѓу Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили на Обединетото Кралство.
На крајот од средбите беше истакната определбата за натамошно продлабочување на соработката на Армијата со Вооружените сили на Обединетото Кралство.








