Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес во Генералштабот на Армијата оствари средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој и досегашното резидентно одбранбено аташе на Република Турција, полковник Реџаи Јилмаз, по повод завршувањето на нивниот мандат. На средбата, генералот Лафчиски им изрази искрена благодарност за нивнато професионално ангажирање и посветеност во развивањето на континуирано добрата билатерална воена соработка, при што беше истакнат придонесот во унапредувањето на соработката во областа на военото образование, во процесот на модернизација и развој на способностите и капацитетите на Армијата. Началникот на Генералштабот ја нагласи континуираната поддршка што Република Турција ја обезбедува за Армијата, потенцирајќи дека Турција е наш стратешки сојузник и значаен партнер во рамките на НАТО. Во рамки на посетата, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, и досегашното резидентно одбранбено аташе, полковник Реџаи Јилмаз, остварија средба со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, по што полковникот Јилмаз беше примен и од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев.








