Заменикот командант на НАТО корпусот за брзо распоредување – Италија во работна посета на Армијата
Заменик на Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, денеска оствари средба со заменикот командант на НАТО корпусот за брзо распоредување – Италија (NRDC-ITA), генерал-мајор Доминик Бидик, команда на сојузничките сили за реакција(ARF).
За време на средбата во Генералштабот, генералот Нуредин се осврна на активната улога која Армијата ја има во НАТО водените мисии, учеството на припадници од Армијата во НАТО команди и штабови, важноста на заедничката обука и вежби за унапредување на интероперабилноста со сојузниците, како и понатамошниот развој на капацитетите согласно концептот на Алијансата за одвраќање и одбрана.
Генералот Бидик упати благодарност за континуираниот и професионален придонес на припадниците на нашата Армија во рамките на активностите и операциите на НАТО корпусот.
Во рамките на посетата на Армијата, генералот Бидик оствари посета на дел од командите и единици на Армијата распоредени во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.








