Со пригодна свеченост, припадниците на Командата за обука и доктрини (КОД) го одбележаа патрониот празник на касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес, во чест на историската личност чие име го носи касарната.
Одбележувањето започна со положување свежо цвеќе пред бистите на Алексо Демниевски Бауман во кругот на касарната и во градот Велес. Пред бистите се поклонија делегација на КОД, како и претставници на институции од Општина Велес.
Во рамки на свеченоста, командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини, истакна дека одбележувањето на патрониот празник претставува можност да се потсетиме на ликот, делото и вредностите за кои се залагал Алексо Демниевски Бауман.
Осврнувајќи се на неговото животно и воено дело, бригаден генерал Нуредини посочи дека неговата решителност, посветеност и непоколебливост во борбата за слобода претставуваат трајна вредност и пример за генерациите кои продолжуваат да ја градат и унапредуваат Армијата. Тој нагласи дека името на патронот на касарната претставува и обврска за припадниците на КОД, со одговорно и професионално работење да ги чуваат достигнатите вредности, да продолжат со унапредување на своите способности и да се стремат кон постигнување уште повисоки резултати.
За историското значење на Алексо Демниевски Бауман беше одржан и историски час, на кој претставник од Народниот музеј од Велес го презентираше неговиот живот и дело.
Свеченото одбележување беше збогатено со уметничка програма во изведба на КУД „Коле Неделковски“ од Велес, со што беше заокружено одбележувањето на патрониот празник на касарната.








