Во Регионалниот медицински тренинг центар (РМТЦ) при Военомедицинскиот центар, во период од 21 до 29 октомври 2026 година се одржа “Курс за тактичко згрижување на повредени”. Курсот беше отворен од швајцарското одбранбено аташе, полковник Бернард Жанти. Воведни зборови за слушателите на курсот искажаа пполк. Зоран Чанаковски – командант на ВМЦ, полк. Драганчо Војнески – командант на Балканските медицински наменски сили (БМНС) и полк. Салија Мустафа – началник на Одделението за обука, воедно заменик-началник на Секцијата за обука и вежби во Генералштабот на Армијата.
Курсот беше организиран и реализиран со поддршка од инструктори од Вооружените сили на Швајцарската Конфедерација, а учесници на курсот беа припадници на Армијата и припадници на Балканските медицински наменски сили. Во текот на активностите, на 21 октомври, беше организиран прием во Резиденцијата на швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер, на кој присуствуваа инструкторите, слушателите, претставниците од Армијата и БМНС.
На 26 октомври 2026 година се одржа „Обука за повторување на вештините за автоматска надворешна дефибрилација и срцево белодробно оживување“ за инструкторите од РМТЦ, ИРб, бСН и медицински лица од Армијата, под раководство на инструктори од Швајцарската Конфедерација.
Завршната вежба беше реализирана во касарната „Илинден“, на која беа обединети сите стекнати знаења и вештини за третман на животозагрозувачки повреди на бојното поле и брзо извлекување и транспорт на повредените.
По повод успешно завршување на активностите „Курс за тактичко згрижување на повредени“ и „Обука за повторување на вештините за автоматска надворешна дефибрилација и срцево белодробно оживување“, во касарната „Илинден“ со одржа завршна церемонија. На слушателите им се обрати амбасадорот на Швајцарската Конфедерација господин Кристоф Зомер, кој на слушателите им го честиташе успешното завршување на курсот и обуката, им додели сертификати и ја истакна важноста на соработката и поддршката на развојот на професионалните знаења и вештини на военомедицинскиот персонал.
Командантот на БМНС – полковник Драганчо Војнески, во своето обраќање, изрази благодарност до Вооружените сили на Швајцарската Конфедерација за поддршката во реализација на курсот и обуката, нагласувајќи го значењето на партнерството и заедничките напори за унапредување на соработката и зајакнување на капацитетите за военомедицинска поддршка.
Реализацијата на курс и обука од ваков тип претставува значаен придонес кон професионалниот развој на припадниците, унапредување на интероперабилноста и зајакнување на регионалната соработка во областа на воената медицина. Важен сегмент во обуката е градењето на подготвени и ефикасни медицински капацитети за справување со различни кризни ситуации.








