Денес со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот на Воена полиција (бВП) го одбележаа „29 октомври – Ден на Баталјонот на Воена полиција“.
Во своето обраќање, командантот на бВП, потполковник Тони Павлоски, истакна дека Денот на единицата е симбол на нејзината традиција, постигнатите резултати и посветеноста кон воената служба, нагласувајќи ја важноста од зачувување на вредностите и достоинствено извршување на доверените задачи.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, им оддаде признание на припадниците на бВП за професионализмот и постигнатите резултати во изминатите 34 години, особено преку учеството на вежбите „Блесок 26“, „Beyond Horizon“ и „Platinium Wolf“. Тој ги охрабри и понатаму да продолжат со континуирано усовршување и унапредување на обученоста и борбената готовност, во функција на успешно извршување на задачите и заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
Заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, истакна дека Денот на единицата е потсетник на одговорноста и значењето на мисијата на Воената полиција, нагласувајќи дека нејзиниот авторитет се темели пред сè на знаењето, карактерот, интегритетот и професионалноста на нејзините припадници.
На свеченоста присуствуваа: заменик-министерот за одбрана г.Адмир Шабани, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на 1.пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, директорот на Дирекцијата за безбедност и разузнавање во одбраната полковник Игор Јанкуловски, началникот на Ј-2 во ГШ на Армијата полковник Златко Станоески, директори на директоратите во Министерството за одбрана, деканот на Воената академија полковник проф. д-р Ненад Танески, поранешни команданти и припадници на Баталјонот на Воена полиција, команданти на единиците на Армијата, претставници на локалната самоуправа, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда, претставници на Генералштабот на Армијата и Командата за операции.
Во рамките на свеченоста на припадниците на Баталјонот на Воена полиција кои се истакнале со својата работа и постигнатите резултати им беа доделени стимулативни мерки. Беа прогласени и најдобрите поединци од составот на единицата за 2026 година, додека на припадниците кои ги исполниле законските услови за пензионирање им беа врачени соодветни признанија, во знак на благодарност за нивниот долгогодишен придонес во службата.
Одбележувањето на Денот на единицата беше проследено и со хуманитарни активности. Во соработка со СОС „Детско село“ Скопје беше реализирана хуманитарна акција, а во Градската општа болница „8-ми Септември“ – Скопје беше спроведена акција за доброволно дарување крв.








