На ден 24.03.2017 година (петок), во посета касарната „Јане Сандански“ во Штип, во период од 10.30 часот до 13.00 часот беше Командантот на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) бригадниот генерал Фарук Метин. Бригадниот генерал Метин во придружба на двајца старешини од штабот на бригадата SEEBRIG ги посети декларираните единици во Република Македонија, механизираната пешадиска чета од составот на 2.механизиран пешадиски баталјон и инженерискиот вод од составот на инженерискиот баталјон. Бригадниот генерал Метин го пречека и го придружуваше командантот на 1.механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и командантите на 2.механизиран пешадиски баталјон и инженерискиот баталјон.
Посетата започна со посета на „Македонската соба“ каде гостите во опуштена атмосфера го разгледаа делот од културното наследство изложено во собата со која касарната се гордее. Потоа беа организирани брифинзи на командирите на декларираните единици со кои го запознаа Командантот на SEEBRIG со формациската поставеност, обуката, средствата со кои располагаат и подготвеноста на единиците да одговорат на барањата на командата на SEEBRIG. Посетата продолжи со тактичко-технички збор на дел од вооружувањето и опремата со која располага декларираната механизирана пешадиска чета, а кој беше реализиран од персоналот на четата. Гостите со интерес го проследија тактичко-техничкиот збор и се интересираа за повеќе аспекти на изложената опрема и вооружување, но и за животот и работата на декларираните единици.
Бригадниот генерал Фарук Метин се заблагодари на гостопримството и на сите инволвирани лица им подари скромен подарок од SEEBRIG.
Посетата заврши со заедничка фотографија пред влезот на командата на 2.механизиран пешадиски баталјон.