Денес, на 04.04.2017 година, Командантот на командата за обука и доктрини, полковник Љубенчо Петровски во својот кабинет оствари прием со професионалниот војник Љубомир Спасиќ по повод освоениот медал на европскиот куп во кајак на диви води.
Професионалниот војник Спасиќ кој е вработен во Центарот за индивидуална обука изминатиот викенд успеа да се закити со сребрен медал за освоено второ место во првото коло на европскиот куп во кајак на диви води – дисциплина спуст. На ова првенство учествуваа шеесет натпреварувачи од девет нации.
За време на приемот, полковникот Петровски му го честиташе на Спасиќ постигнатиот резултат со искрени желби за здравје и успех во натамошниот тек на првенствата кои следат. Професионалниот војник Спасиќ изрази голема благодарност за неизмерната поддршка која ја добива од Командата за обука и доктрини и порача дека ќе продолжи достоинствено да ја промовира и афирмира Армијата на Република Македонија. На крајот од средбата командантот го задолжи Спасиќ да го задржи нивото на подготвеност и да се врати како прв во генералниот пласман од европските купови.