Припадниците на Армијата кои учествуваа во справувањето со пожарите кои зафатија повеќе локации на територијата на државата во текот на летниот период, денес во касарната „Илинден“ на соодветна церемонија официјално им се соопштија добиените признанија во вид на парични награди и други стимулативни мерки.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во своето обраќање пред припадниците на Армијата изрази благодарност до сите припадници кои летово на 13 локации во Кочани, Берово, Делчево, Куманово и секаде каде што беа потребни, од копно и од воздух беспоштедно се вклучија во гасењето на пожарите.
За својата професионалност и успех во справувањето со пожарите, на над 1000 припадници на Армијата им беа доделени парични награди, наградно отсуство или пофалници. Но наградите не беа мотивот за храброста и пожртвуваноста на припадниците на Армијата, туку нивниот даден збор во службата кон државата и граѓаните – рече Шекеринска.
На свеченоста, покрај министерката за одбрана, Радмила Шекеринска присуствуваа и заменикот министер за одбрана, Башким Хасани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ.