Во Генералштабот на Армијата, со потпишување на техничкиот аранжман за соработка помеѓу Министерствата за одбрана на Република Северна Македонија и Република Турција во рамки на операцијата во Босна и Херцеговина ЕУФОР АЛТЕА, уште еднаш се потврди одличната воена соработка со овој наш стратешки сојузник во мировните операции.
Потпишаниот технички аранжман ги регулира структурата на единицата и задачите кои ги извршува оваа единица во рамки на маневарската чета на Вооружените сили на Република Турција, во оваа мисија. Нашите припадници во јачина од еден пешадиски вод оваа задача ја отпочнаа од мај минатата година, со што го зголемивме нашето учество во оваа мисија, во која учествуваме во континуитет од 2006 година, со дополнителни 32 припадници.
Техничкиот аранжман кој произлегува од Договорот за соработка во одбраната, во име на Mинистерството за одбрана на Република Северна Македонија го потпиша полковник Игор Кузмановски, додека во име на Mинистерството за национална одбрана на Република Турција, заменикот на военото аташе, потполковник Волкан Тенекеџи.