Во Домот на Армијата – Скопје, во период од 30 ноември до 2 декември 2021 година, се реализираше првиот состанок на групата за координација на 15-от Форум на балканските началници на Генералштабовите.
На состанокот учествуваа претставници од главните градови од регионот: Скопје, Софија, Тирана, Анкара, Атина, Белград, Букурешт, Подгорица и Сараево. Состанокот го водеше полковникот Владе Бисоски, началник на Канцеларијата за меѓуармиска соработка на Генералштабот на Армијата.
Целта на состанокот беше разгледување на заедничката изјава од 14-тата Конференција на Форумот на балканските началници на Генералштабовите, преглед на состојбата на тековните активности и проекти под покровителство на Форумот и воспоставување на организациската рамка за реализација на насоките на началниците и на 15-тата конференција на Форумот на балканските началници на Генералштабовите.
На почетокот на состанокот, учесниците ја нагласија важноста на воената соработка и ги потврдија заложбите за унапредување и промовирање на регионалната стабилност и безбедност на Балканот преку воената соработка.
За време на состанокот, преку конструктивна дискусија, со консензус од страна на сите учесници се донесени следниве документи:
- Листа на задачи на Групата за координација;
- Календар на активности;
- Листа на задачи на Подгрупата за асиметрични закани;
- Листа на задачи на Подгрупата за едукација, обука и вежби.