Согласно Планот за билатерална соработка помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Национална гарда (НГ) на Вермонт од САД во полето на сајбер одбраната, со цел зајакнување на капацитетите и способностите за сајбер одбраната во Армијата и Министерството за одбрана, во период од 14-23.09.2021 година се реализираше работилница на тема „Cyber computer security incident response team management workshop“.
На работилницата посебно внимание се посвети на потребата за интегриран пристап при одговор на сајбер инциденти, каде на иста маса присуствуваа и високи офицери од родот за врски кои учествуваат во процесот на планирање и организација на сајбер одбраната, кои заедно со сајбер специјалисти од Министерството и Армијата, покрај теоретското искуство, се стекнаа и со дополнителни вештини за користење на одредени алатки при одговор на сајбер закани.
Во текот на активноста беа реализирани две поединечни средби на началникот за групата за врски од НГ на Вермонт, полковник Кристофер Еванс, со началникот за врски од Генералштабот на Армијата, полковник Блажо Георгиевски и деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски, на кои се разменија искуства како и предизвици за изградба на Сајбер оперативен центар во Армијата, согласно стандардите и потребите од потполна интеграцијата во оваа област во НАТО.
За време на одржување на работилницата во одредени сегменти учество земаа и претставници на работната група за сајбер безбедност од амбасадата на САД во Република Северна Македонија.