Заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин се наоѓа во тридневна работна посета на Воениот оддел при дипломатското претставништво на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ во Брисел и Военото претставништво при Сојузничката команда на НАТО за операции во Монс, Белгија.
Во рамки на посетата, генералот Нуредин реализираше работни средби со претставниците од Воениот оддел при дипломатското претставништво во Командата на НАТО во Брисел и Военото претставништво при Сојузничката команда на НАТО за операции во Монс. За време на средбите се разговараше за тековните активности на Воениот оддел и Военото претставништво, како и теми поврзани со потребата од пополнување на националните воени позиции во НАТО и во командната структура на НАТО, нашето учество во НАТО операциите и вежбите, како и за други аспекти кои се однесуваат на актуелната безбедносна состојба и политика.