Со постројување на екипите од командите и единиците на Армијата, на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, започна одбележувањето на 18 февруари – Денот на Меѓународните воени спортови. Припадниците на Армијата, под мотото „Пријателство преку спорт“, по дваесетти пат го одбележуваат овој ден и се натпреваруваат во трчање, мал фудбал, кошарка, шах и пинг понг.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин на свеченото отворање истакна дека спортот во Армијата претставува значаен сегмент, но и значајна алатка за развивање на пријателството, другарството и зближување на народите од различни нации и упати порака за време на натпреварите да преовладува спортскиот дух, а да победат најдобрите.
На денешната церемонија на водник Виктор Ефремов му е врачен пехар за најдобар спортист за 2023 година, кој на мултидисциплинираниот натпревар за „Најдобар воин“ во организација на Националната Гарда на Тенеси, во Соединетите Американски Држави го освои првото место.
Во редовите на Армијата се наоѓаат врвни спортисти, кои постигнуваат значителни резултати во спортот како на домашната, така и на меѓународната сцена.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, а Армијата e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.