Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции.
Првите почетоци на Воениот оркестар датираат од далечната 1944 година, кога во селото Голеш, Битолско е формиран првиот Воен оркестар во рамките на седмата македонска ударна бригада. Во следните 48 години опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата.
Воениот оркестар на Армијата продолжува со негување на традициите и надградување на музичкото творештво. Низ континуирана цивилно воена соработка со локалните самоуправи реализирани се многубројни концерти во градовите низ Републиката, како и повеќе самостојни концерти во Скопје. Во текот на 2016 година беа реализирани настапи на Воениот оркестар во Босна и Херцеговина, Република Србија и Република Бугарија, со што продолжи достојно да ги спроведува активностите и на меѓународен план. Во текот на 2017 година и 2018 година реализирани се традиционални пред новогодишни концерти, самостојно и заеднички со пријателските оркестри, а во април 2019 година изведен е заеднички концерт во салата на Филхармонија со учество на воени оркестри од пет држави.
Оркестарот изведува различни жанрови на музика од познати домашни и странски автори како што се: класична музика, поп музика, маршевска и многу други видови на дела.
Аранжман за дувачки оркестар – Химна на Република Северна Македонија