Армијата на Република Северна Македонија, со централната свеченост која се реализира во касарната „Илинден“ во Скопје со гордост го прослави својот јубилеен роденден и достигнувањата во текот на својот триесет годишен раст и развој.
На почетниот дел од свеченоста свое обраќање имаа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски министерката за одбрана, Славјанка Петровска и Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски.
Генералот Ѓурчиновски во својот говор истакна дека многу генерации на вработени во министерството за одбрана и армијата, војници, старешини и цивилни лица, но и општествени работници активно се вложија во три деценискиот развој на Армијата која е почитувана од граѓаните и членка на НАТО.
„Одбележувањето на овој значаен јубилеј во касарната која го носи светото име Илинден го посветуваме на стремежите и пожртвувањата на сите наши херои и великани за вековната борба за слобода и мир. Од овој свечен јубилеј сакам да порачам дека Армијата секогаш работела и ќе работи исклучиво за интересите на граѓаните и нашата татковина. “ истакна генералот Ѓурчиновски.
На крајот од своето обраќање, на припадниците на Армијата генералот Ѓурчиновски им порача: „Од вас очекувам да продолжите посветено, одговорно и гордо да ја претставувате војничката професија, Армијата и нашата Држава.“
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во своето обраќање се фокусираше на достигнувањата во триесет годишното постоење на Армијата, клучните одлуки донесени во овој изминат период, местото на Армијата во општеството како институција со најголема доверба, како и процесите на развој на одбраната, модернизацијата на Армијата и развојот и мотивацијата на сите армиски припадници и службеници во одбраната.
„Триесет години постоење е долг период кој сите ние го паметиме како време во кое трудољубиво се поместувани границите на сопствените достигнувања. Заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е постигнување за кое се имаат заложено многу поединци, поранешните Претседатели, Влади, министри за одбрана, началници на Генералштабот, старешини, војници и вработени.“, рече министерката.
Го вративме достоинството на „луѓето во униформа“, рече министерката, и ги направивме достојни за нивното место во општеството како лица во кои граѓаните имаат најголема доверба. Вие продолжете да ја чувате државата, а ние посветено уште повеќе ќе се грижиме за сите вас!.
Претседателот и Врховен командант на Вооружените сили Стево Пендаровски во своето обраќање истакна: „Армијата беше и главниот двигател за нашето членство во НАТО. Уште на самите почетоци, државата ја дизајнираше македонската одбрана со јасна цел и намера еден ден таа да биде целосно интегрирана во Евроатланскиот безбедносен систем. Од тогаш минавме низ неколку периоди на непринципиелни надворешни блокади и погрешни внатрешни приоритети што го забавуваа нашиот од кон колективните безбедносни системи. Но, Армијата се реформираше во континуитет и помогна да не отстапиме од реализација на нашата стратешка цел. Затоа нема да погрешиме ако кажеме дека како држава го постигнавме нашиот, до сега, најголем надворешно-политички успех, во голема мерка, благодарение на Армијата и на нејзините храбри жени и мажи во униформа.“
Обраќајќи се кон припадниците на Армијата, како Врховен командант тој им порача: „Во оваа јубилејна година, кога го славиме минатото и ја проектираме иднината, свесни сме за најголемиот товар што го носите токму вие, храбрите мажи и жени во униформа. Сигурен сум дека како и до сега, така и од сега, ќе продолжите да бидете одговорни и совесни чувари на државата, заштитници на граѓаните, стожер на нашето мултиетничко општеството и влог и во националната и во колективната одбрана и безбедност“.
На свеченоста, од страна на Претседателот Пендаровски со Орден за воени заслуги се одликуваа првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски, Организацијата на резервни офицери и логистичката база на Армијата.
Воедно беа соопштени и Указите за произведување во генералски чин и поставување. При што во чин бригаден генерал се произведе командантот на првата пешадиска бригада, Сашко Лафчиски, додека на местото командант на командата за обука и доктрини се постави досегашниот заменик на прва пешадиска бригада, полковник, Васко Коколански.
Од страна на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на командантот на националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој се наоѓа во дводневна официјална посета на нашата земја му додели признание за досегашната поддршка и соработка.
Јубилејната свечена церемонија на симболичен начин преку дефилето на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на Армијата, како и изложените современи борбени возила со кои располага Армијата меѓу кои и штотуку добиените лесни оклопни возила го претстави достигнувањето и извежбаноста на припадниците на Армијата, која со гордост по вторпат го одбележува својот роденден како полноправна членка на НАТО.
На централната свеченост присуствуваа и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, Министри во Владата, претставници од дипломатскиот кор, поранешните министри за одбрана и началници на генералштабот, генералите во Армијата, команданти на командите и единиците на Армијата и претставници на организации со кои соработува Армијата.
Централната свеченост е една од завршните активности со кои се одбележуваше јубилејот 30 години од формирањето на Армијата меѓу кои беа реализирани: изложба по повод 30 годишниот јубилеј, отворениот настан за граѓаните, трибини, спортски натпревари, хуманитарни акции и прослави во единиците.