Министерот за одбрана, Владо Мисајловски и Треша Гуенов, главен заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни прашања, во Пентагон ги отворија Годишните билатерални одбранбени консултации. На отворањето на Консултациите министерот Мисајловски ја истакна суштинската важност на македонско-американската одбранбена соработка, се заблагодари за значајната поддршка во опремување и модернизација на македонската Армија, за советодавната поддршка во одбранбените реформи, како и за тридецениската поддршка и придонес во обуката и вежбовните активности на Армијата и вработените во одбраната и порача дека зајакнувајќи ги одбранбените капацитети на нашата земја остануваме посветени на сигурноста и стабилноста на Балканот и пошироко.
Во однос на нашиот придонес и посветеност кон колективната безбедност, Мисајловски истакна дека тоа може да се види преку учеството на армиските припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, на регионално ниво преку придонесот во мисијата на НАТО на Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ, во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и мисијата на ООН во Либан.
Билатералните одбранбени консултации се одржаа во три сесии, со учество на високи делегации од двете страни на кои се дискутираше за соработката и идните сојузнички приоритети, вклучувајќи го учеството во заеднички вежби и обука, придонесот кон глобалниот мир и безбедност, зајакнување на нашите одбранбени капацитети, како и долгогодишното партнерство со Националната Гарда на Вермонт.
Во рамки на посетата на САД, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со началникот на Здружениот штаб на Вооружените сили на САД, генерал Чарлс Браун. На средбата во Пентагон, на која присуствуваа високи воени раководители на највисоката воена команда на САД, се разговараше за заедничките активности со ВС на САД и поддршката која ја овозможува нашиот стратешки партнер.
На Консултациите освен министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваа: заменик на директорот на Ј5 во Здружениот штаб за Европа, НАТО и Русија, бригаден генерал Грант Фосет; државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова; одбранбеното аташе на САД, полковник Даниел Сквајерс; претставници од Здружениот штаб, Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка, Стејт департментот на САД, Командата на САД за Европа и експертските тимови на Пентагон, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
За време на посетата на САД, беа остварени работни средби и со Алтон Буланд , директор за ЕУ и НАТО политика во Канцеларијата на секретарот за одбрана, со генерал- потполковник Џонатан Стабс, шеф на Бирото на националната гарда на САД и со генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт.