Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, денес во Домот на Армијата во Скопје беше информиран за состојбата на борбената готовност и реализацијата на плановите и задачите на Армијата на Република Северна Македонија во текот на 2023 година.
За време на брифингот за борбената готовност на Армијата од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски, пред претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменик-министерот за одбрана, заменик на началникот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Владимир Анчев, генералите во Армијата, претставници од кабинетот на претседателот и раководните лица во министерството е претставена состојбата во Армијата според функционалните области кои влијаат на борбената готовност.
Пред воениот врв се презентирани реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2023 година, при што се опфатени состојбата и степенот на реализација во областите на персоналниот менаџмент, обуката и вежбите, операциите во земјата и странство, опремата и инфраструктурата, военото планирање и структура на сили, модернизацијата, буџетирање и финансирање, како и клучните задачи кои претстојат во следната 2024 година.
Во заклучокот од страна на генералот Ѓурчиновски е констатирано дека борбената готовност на Армијата е на потребното ниво кое овозможува успешно извршување на задачите и дека во тековната година успешно се реализирани сите планирани задачи. Притоа е истакнато дека командите и единиците на Армијата навремено и професионално ги реализираа сите планирани активности во изведување на обуката според стандардите на НАТО, како и дека процесот на трансформација и модернизација и учеството во операциите во странство се спроведуваат со планираната динамика.
Претседателот и врховен командант Стево Пендаровски истакна дека и во 2023 година припадниците на Армијата ја докажаа својата професионалност, посветеност и подготвеност. Тој истакна дека Армијата одговорно ги извршува обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, соработката со телата и комитетите во рамки на НАТО и другите армии и го истакна своето очекување дека опремувањето и модернизацијата на Армијата ќе продолжи и во следните години.
Претседателот Пендаровски ги реафирмираше своите заложби за натамошно подигнување и одржување на квалитетен стандард и услови за работа и служба на сите припадници на Армијата и за достигнување на зацртаната цел – два отсто од БДП да се одвојува за одбраната.
Министерката Петровска на годишниот редовен брифинг за борбената готовност на Армијата порача дека и во 2024 година ќе продолжи стабилното инвестирање во одбраната и во Армијата. Следната година, рече Петровска, Северна Македонија со 2% од БДП одвоени за одбрана и една третина од овие средства за модернизација, ќе ги исполни двата критериуми кои беа заеднички усвоени на Самитот на НАТО во Вилнус.
„Добивме исклучително позитивни оценки за нашето учество во мировните мисии и во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, што е потврда за нашиот придонес кон регионалната и колективната безбедност“, рече министерката.
Петровска се осврна и на континуираното унапредување на статусот на припадниците на Армијата и вработените во одбраната. „Новиот Закон за вработените во одбраната е во собраниска процедура, а новиот Колективен договор ќе се донесе во најбрз можен рок“, информираше министерката Петровска.
Армијата на Република Северна Македонија во текот на 2023 година со околу 700 свои припадници учествуваше на повеќе меѓународни вежби во земјата и во странство меѓу кои домаќини бевме на вежбата „Брз одговор 23“, која се изведуваше на АП „Криволак“ и на која учествуваа околу 1850 припадници на армиите на четири НАТО земји.
Во меѓународните операции, Армијата на Република Северна Македонија годинава учествуваше во операциите на НАТО „КФОР“ во Косово и „НМИ“ во Ирак, „Зајакнато истурено присуство“ во Летонија и т.н. „Активности на зголемена будност“ во Бугарија и Романија, мисијата на ЕУ „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, мисијата на ОН – „УНИФИЛ“ во Либан со учество на штабни офицери, каде учеството го зголемивме на два пешадиски вода и штабни старешини. Нашето учество со персонал во текот на годината се движеше околу 170 наши припадници кои ротираа на шест месеци.
Армијата во текот на годината ја покажа и својата солидарност со НАТО сојузниците со ангажирање на свои припадници во справување со последиците од природни катастрофи. Покрај учеството на 60 наши припадници во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните од катастрофалниот земјотрес во Република Турција, 100 припадници на Армијата учествуваа во справувањето со последиците од поплавите во Словенија.
Согласно планот на модернизација и опремување на Армијата во текот на месец јуни во состав на Армијата влегоа уште 32 лесни оклопни возила од типот JLTV, а набавката на сите средства и останата опрема се одвива според планираната динамика.
Брифингот за борбената готовност е редовна годишна обврска на началникот на Генералштабот пред врховниот командант, со цел претставување на состојбата на борбената готовност на Армијата и планираните активности за следната година.