Денес, 3-ти април (четврток) во Генералштабот на АРМ се одржа брифинг за претставниците на медиумите по повод одржувањето на теренската вежба „Македонски Блесок-10“ која ќе се изведува на Армискиот полигон „Криволак“ и Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ во периодот од 05 до 12.04.2014 година.
На брифингот присуствуваа: командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, директорот на вежбата потполковник Ѓоко Максимов, портпаролот на ГШ на АРМ и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ и ЗОК кој е вклучен во процесот на планирање и подготовка на вежбата.
Пред претставниците на медиумите беа презентирани најважните информации за вежбата „Македонски Блесок–10“, како и можностите за нејзино целосно медиумско покривање и присуство на медиумите. Носител на планирањето и реализацијата на вежбата е ЗОК, а на неа ќе се изврши оценување на средната пешадиска баталјонска група (спбг) и лесната маневарска болница (НАТО оценување – Ниво 2), согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.
Генералот Величковски истакна дека со вежбата „Македонски Блесок–10“ очекува потврда на високиот степен на интероперабилност и оперативна способност на АРМ за извршување мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН, као и демонстрација на висок степен на борбена готовност и капацитет за справување со задачи од висок ризик. Тој посебно нагласи дека со вежбата „Македонски Блесок–10“ се заокружува процесот на оценување на спбг која во наредните три години ќе биде единствена единица од овој ранг во поширокиот регион, сертифицирана од Алијансата за учество во мировни мисии.
Оценувањето на спбг и лесната маневарска болница ќе го спроведе оценувачки тим на НАТО, составен од 16 члена од различни команди на НАТО, а кои најголем дел се претставници на армии од земји членки на НАТО и ПзМ. Отварањето на вежбата „Македонски Блесок–10“ е планирано на 7-ми април во ЦО „Пепелиште“.