По повод 28от роденден на Армијата на Република Северна Македонија, на пригоден начин и со почитување на мерките од протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници во услови на „Ковид 19“ на воениот стадион во градскиот парк во Скопје се одбележа 18ти Aвгуст – Денот на Армијата.
На свеченоста, со пригоден говор се обратија, Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Притоа од страна на Претседателот Пендаровски со највисокото воено признание „Орден за воени заслуги“ за постигнатите резултати во работењето се одликуваа баталјонот за воено-медицинска поддршка, третиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада, како и канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави за континуираната помош и поддршка во процесот на јакнење на капацитетите на Армијата.
Во својот говор началникот на генералштабот истакнувајќи дека ова е прва година како го славиме роденденот како полноправна членка на НАТО, за што сме особено горди, изрази благодарност, признание и почит на сите, поранешни и активни воени и цивилни лица од Армијата и Министерството за Одбрана, кои со напорна работа придонесоа во градењето, развојот и интеграцијата на Армијата во НАТО.
Притоа генералот Ѓурчиновски обраќајќи се до припадниците на Армијата истакна: „Денес, со гордост можам да кажам дека многу постигнавме, но имаме уште многу да направиме. Ги обезбедивме неопходните достоинствени работни услови за сите Вас, за Вие да можете уште пофокусирано да работите во остварување на нашите зададени цели, кои секогаш се во служба на граѓаните.
Единствени сме со најголема доверба и поддршка кај граѓаните во нашата држава во континуитет, за што сум особено горд на сите вас. Довербата и поддршката за нас претставува признание и препознатливост на граѓаните за нашата посветеност и професионализам, базирана на морал и етика во нашата работа, но и обврска да продолжиме по вистинскиот пат.“
На граѓаните порача дека Армијата е на сите и таа е вистински пријател и искрен сојузник кој никогаш нема да ги изневери.
Министерка за одбрана Радмила Шекеринска обраќајќи се на присутните истакна: „Триесет години надеж и исчекување ги претворивме во резултат. Станавме 30. членка на Алијансата и дел од најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата“.
Претседателот и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски во неговото обраќање истакна дека полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии во светот. Воедно истакна дека одговорноста од Членството во НАТО ја крева на многу повисок степен и одговорноста на Армијата. Од март оваа година нашата униформа и име се нераскинлив дел од оваа глобална алијанса. Затоа, мораме да продолжиме да инвестираме во одбраната, да ја модернизираме и опремуваме Армијата и за тоа секогаш ќе ја имате мојата лична поддршка.
Одбележувањето на Денот на Армијата во генералштабот и потчинетите команди и единици се одвиваше согласно мерките и препораките на комисијата за заштита од заразни болести за спречување на ширењето на епидемијата предизвикана од Ковид 19, додека на централната свеченост беа со скратен број на учесници и посебен режим на здравствено-безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.