Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски ја предводи делегацијата на АРМ која престојува во официјална посета на командата на Армијата на Вооружените сили на САД за Европа (УСАРЕУР – Unated States Army Europe), во Визбаден, СР. Германија.
Во текот на денешниот ден, НГШ на АРМ оствари средба со командантот на УСАРЕУР, генерал-потполковник Фредерик „Бен“ Хоџис, која е втора нивна официјална средба по ноемвриската посета на генералот Хоџис на АРМ и Република Македонија.
Позитивните резултати од досегашната долгогодишна соработка со оваа команда на Армијата на САД, заедничкото учество во меѓународни вежби, поддршката во изведување на обуката, зајакнување на одбранбените капацитети и зголемување на борбената готовност со цел постигнување на потполна интероперабилност со армиите на НАТО земјите членки, беа главните теми на реализираниот разговор помеѓу генералите Величковски и Хоџис.
За време на првата досега официјална посета на еден НГШ на АРМ на командата на УСАРЕУР, се одржаа и неколку издвоени состаноци со раководни старешини од командата на кои се разговараше за модалитетите и начин на заедничко учество во понатамошните позначајни активности организирани од оваа команда на Армијата на САД.
Докажаната доверба од досегашниот заеднички настап во активности се потврдува и со постојаните менторирања во изведување на обуката од страна на стручни тимови од УСАРЕУР, учеството на припадници на АРМ во заедничките сили за обезбедување на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“, и вклучување во големите вежби на НАТО во Европа како што беше минатогодишната најголема вежба „Анаконда 16“ но и претстојното учество на „Сајбер гардијан-17“.
Меѓусебните средби на највисоко ниво ја изразуваат континуираната поддршка која ја пружа Армијата на САД во остварување на аспирациите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО алијансата.